Зеленски: Од почетокот на војната загинаа 31.000 украински војници

Од почетокот на руската инвазија пред две години „загинаа 31.000 украински војници“, а руската армија „изгуби шест пати повеќе“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на прес-конференцијата во Киев по повод двегодишнината од руската инвазија

„Не беа 300.000 или 150.000 убиени, како што лаже Путин… Но, сепак, ова е исто така голема загуба за нас“, рече Зеленски.

Тој додаде дека нема да го наведе бројот на повредени бидејќи тоа ќе и помогне на Русија во правењето воени планови.

Украина не ги пријавила своите воени загуби од крајот на 2022 година, кога советникот на Зеленски, Михаило Подољак, рече дека 13.000 украински војници биле убиени од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.

Путин нема да ми се јави, нема мобилен телефон
„Нема мобилен телефон, како да ми се јави? А јас не користам телеграф од 1917. Нема да ми се јави, не сака да заврши оваа војна“, вака Зеленски одговори на новинарско прашање дали ќе се јави на телефон доколку му се јави Путин.

Одговарајќи на друго прашање – дали Украина губи во оваа војна и дали е време да разговараме со Путин, тој одговори: „Дали е можно да се разговара со глув човек? Дали е можно да се разговара со човек кој ги убива своите противници?“.

Тој рече дека украинската страна ќе понуди платформа на која Путин ќе може да се согласи дека ја изгубил оваа војна и дека тоа е голема грешка.

Дали Украина ќе ја изгуби оваа војна?
„Најтешко беше на 24 февруари пред две години. Нема шанси да изгубиме. Ако изгубиме, нема да постоиме. Затоа, таков крај на борбата за нашите животи дефинитивно не ни одговара“, рече Зеленски.