Израелска војска: Одобрени се оперативните планови и за офанзива и за дефанзива

Портпаролот на израелските одбранбени сили, контраадмиралот Даниел Хагари, на новинарско прашање дали е договорено дали ќе одговорат на иранскиот напад, изјави: „Имаме дефанзивни и офанзивни планови, но не можам да кажам ништо повеќе од тоа. Нашата цел е да ги заштитиме нашите граѓани“.

Во соопштението се посочува дека израелските одбранбени сили имаат подготвено стратегии за одбрана и напад, но деталите за тие планови не се јавно достапни.

„Израел одобри оперативни планови и за офанзивна и за одбранбена акција“, рече тој, зборувајќи за медиумите на англиски јазик.

„Во текот на последните два часа одобривме оперативни планови и за офанзивата и за дефанзивата. Ќе продолжиме да ја штитиме државата Израел и заедно со нашите партнери ќе продолжиме да градиме побезбедна и постабилна иднина за Блискиот исток“, изјави контраадмиралот Даниел Хагари.

Хагари рече дека сојузниците им помогнале да соборат 99 отсто од беспилотните летала што Иран ги истрела кон Израел.

“Околу 350 ракети и беспилотни летала со тежина од околу 60 тони синоќа беа истрелани кон Израел. Планот на Иран не успеа. Само неколку проектили успеаја да навлезат во израелскиот воздушен простор и предизвикаа многу мала штета на инфраструктурата на оваа база на воздухопловните сили“, рече тој.