Лидерите од Западен Балкан ветија дека ќе ги забрзаат реформите за планот за раст на ЕУ

Лидерите на земјите од Западен Балкан во четвртокот се согласија да ја забрзаат регионалната соработка за да имаат повеќе корист од новиот план за финансиска помош на Европската унија што ќе помогне да се обезбеди побрз пат до членството.

Планот на Брисел предвидува 6 милијарди евра да се испратат до балканските држави во следните три години во обид да се удвои економијата на регионот во следната деценија и да се забрзаат нивните напори за приклучување кон блокот. Таа помош е зависна од реформи кои би ги усогласиле нивните економии со правилата на ЕУ.

Балканските водачи го поздравија планот, но реформската агенда е предизвик за спроведување.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој беше домаќин на самитот во Тирана, го нарече новиот план за раст „навистина охрабрувачки резултат на пријателска и отворена размена на мислења“.

„Новата можност на овој надворешен план претставува не само признание од ЕУ за нашите децениски напори да изградиме заедничка иднина против дивите ветрови од минатото, туку и не предизвикува да ја покажеме нашата подготвеност за заедничка европска судбина“, рече тој во воведниот говор.

Шесте земји од регионот – Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – се во различни фази во нивните барања за членство, но жителите се фрустрирани од бавното темпо на процесот. Хрватска беше последната земја членка на ЕУ која беше прифатена во 2013 година.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, рече дека Европската комисија има за цел да го преполови времето за спроведување на новиот „амбициозен“ план.

Вархеји им рече на новинарите дека земјите од Западен Балкан се согласиле да преземат конкретни чекори оваа година, како што е обединување на нивните финансиски регулативи. Рама рече дека трошоците за банкарски трансакции се шест пати повисоки за земјите во регионот и новите правила ќе заштедат половина милијарда евра (540 милиони долари).

Шесте земји, исто така, ветија дека ќе ги прилагодат царинските прописи и ќе создадат заеднички гранични премини како земјите-членки на ЕУ.