Македонската репрезентација за фудбалери до 19 години вчера убедливо загуби во пресметката против Португалија (1-4) во квалификациите за пласман на ЕП, во меч во кој во финишот шанса за деби доби талентираниот фудбалер на Шкендија, Љавдрим Касами, пренесува Спорт 1
Тоа и не би било чудно ниту, пак, нешто посебно за објавување, ако неговиот татко Билал Касами, кој неодамна по вторпат беше избран за градоначалник на Тетово, пред само еден месец помпезно не се пофалеше преку социјалните мрежи дека син му е повикан да игра за – Албанија.
Касами јуниор беше повикан за пријателскиот двомеч минатиот месец против Ирска, на кој беше резерва на втората средба, а потоа воопшто не беше повикан за официјалните средби на У19 селекцијата на нашиот западен сосед.
Поради фактот што не доби повик од албанскиот селектор, фудбалерот на Шкендија се најде на списокот на македонската селекција каде што ги одигра последните десетина минути од пресметката против Португалија.
Но, за ова официјално деби за државата во која се родени и во која Касами сениор има одговорна политичка функција, тој не напиша ниту збор за својот профил на социјалните мрежи.
