И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, истакнуваат попладнево од Министерството за здравство во врска со случајот со двегодишното дете повредено во новогодишната ноќ.
– Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг, се наведува во денешното соопштение.
Како што се додава, интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволувал хируршко лекување.
– И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело. Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти, потенцираат од Министерството за здравство.
При вклучување во живо на Рома Прес, таткото Муше Аслани и чичкото на детето ја укажаа својата голема болка и побараа институциите итно да го расветлат случајот. Според нив, веднаш по повредата детето било пренесено во болница, но наместо поддршка, биле приведени речиси сите членови на семејството, а специјална единица на полицијата беше испратена во болничките простории.
Додека синот му се борел за живот, тој бил во полициска станиза задржан. Видеото од изјавата може да се проследи тука.
