Победа со тесна разлика: Голоб пред Јанша по преброени гласови

Актуелниот словенечки премиер Роберт Голоб прогласи победа на парламентарните избори, откако неговото Движење „Слобода“ освои најмногу гласови.

Според речиси целосно преброени гласови (99,45%), партијата на Голоб доби 28,54 проценти, што се преточува во 29 пратенички мандати. Веднаш зад неа е Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша со 28,17 проценти и 28 мандати.

Голоб им се заблагодари на граѓаните за излезноста, нагласувајќи дека тие гласале „за демократијата“.

„Беше навистина напнато, но пред се им благодарам на сите гласачи. Го дадовте својот глас за демократијата“, изјави премиерот.

Тој посочи дека земјата ја очекуваат тешки коалициски преговори, но подвлече дека суверенитетот нема да биде предмет на компромис.

„Сите заслужуваме подобра иднина. Нè чекаат тешки разговори, но за една работа нема да преговараме – нашиот суверенитет“, порача Голоб.

Во новиот парламентарен состав ќе влезат уште неколку партии, меѓу кои НСи, СД, Демократи, Ресни.ца и Левица, што најавува сложени преговори за формирање влада.

Од друга страна, лидерот на СДС, Јанез Јанша, изрази сомнежи во процесот на пребројување, тврдејќи дека постои разлика од околу 50.000 гласови меѓу нивните пресметки и официјалните податоци.

Тој оцени дека политичката неизвесност може да доведе до нови, предвремени избори во блиска иднина.