Вечерва на полноќ завршува рокот за кандидатури за Локални избори 2025.
Сите оние кои што сакаат да се кандидираат на Локалните избори 2025 година закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје тоа ќе можат да го направат преку своите овластени предлагачи до полноќ во просториите на Општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).
ОИК по приемот на листата на кандидати, утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, како и дали кандидатите за градоначалник ги исполнуваат условите предвидени во член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку проверка на податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите се должни да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.
Подносителите на листи или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од согласно членот 67 став (5) од Изборниот законик. Кога се работи за повлекување на кандидатската листа истата единствено може да се повлече во целост.
Листа на кандидат за градоначалник односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите општини и градот Скопје, a во општината односно градот Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно градот Скопје, имаат ист реден број.
Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември. Најдоцна еден ден пред одржување на ждрепката ДИК и ОИК/ИКГС ги известуваат овластените претставници за одржување на ждрепката.