Вчера беше Фуркан, утре ќе сум јас или којзнае кој..

Неполн месец беше и повеќе од доволен, силно и на најјако да си го доживееме истото чувство од десетгодишниот кошмар на ВМРО-МВРО….

„Полицијата сега е наша“ па, доста веќе се глумеше служба на граѓаните. Сега отворено се почнува со користење на сите механизми за заплашување и манифестација на старата агенда и наративи: Или ќе молчите и ќе бидете со нас или ќе ви биде многу лошо.

На пример, ако си новинар и ако зборуваш против нас може да ти пуштиме драматично униформирани и вооружени специјалци и тоа не еден, не двајца, туку десет од нив, па да доживееш брутално апсење и сето тоа да го види целата јавност и сите други новинари за на време да си ги усогласат активностите со потребите на само една и единствена политичка партија и да не им текне да спомнат нешто „што не треба“, оти во спротивност може да им се случи и тие да го прекршат законот.

И на тоа министерот, како во случајот ќе си дава прес конференции, ќе си дава изјави и ќе прави се што треба за до секој еден граѓанин да стаса пораката.

„Заборавете права, заборавете слободи, се враќаме 10 години наназад, каде што само една волја ќе се спроведува и само таа ќе биде важна. Волјата на една и единствена политичка партија“ Се плашите? Е тоа ни е и целта! Страв и дисциплина!

И гледајќи го видеото во кое полицијата буквално напаѓа еден млад дечко новинар неколку дена откако тој им објави документи кои не смееше, се наметнува едно прашање, како да очекуваме дека истите овие лица ќе ни обезбедат фер и демократски избори на кои ние треба да избереме дали сакаме вакви структури да ни ја водат државата наредните четири години….?

Пораката е таа, дека во ДПМНЕ ништо се нема променето, ама за среќа ние граѓаните многу се променивме.

Видовме што се права и слободи, видовме како е кога државата се грижи навистина за граѓаните и со сите нејзини мани и слабости, никогаш ама баш никогаш нема да дозволиме да се вратиме назад во тој ужас, во тие сивила и стравови, во канџите на режимот и едноумието!

Вчера беше Фуркан, утре ќе сум јас или којзнае кој …. ќе издржиме јако, ама нема да ви дозволиме да не вратите назад!

Д.П.