Македонија утре гласа

1 814.317 гласачи имаат право на глас на утрешните претседателски избори. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.

Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва се запишани 2.569 избирачи. Гласањето треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државата. На 120 избирачки места има помалку од десет гласачи кои се упатени правото на глас да го остварат во најблиското избирачко место.

Ова ќе бидат 7 ми по ред претседателски избори на кои во првиот круг изборниот процес го трчаат 7 кандидати. Исто толку кандидати имаше и во 2009та. Претседател може да биде лице кое на „денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот“. Мандатот на претседателот е пет години и едно лице може да биде избрано за оваа функција најмногу два пати.

Според законодавството кандидатот за претседател можел да победи во прв круг доколку освоел над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Доколку ова не се случи, се одржува втор круг на избори, во кој се натпреваруваат двата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40% за гласањето да се смета за важечко.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Првиот круг на претседателските избори е утре односно 24 април, а на 8 мај е вториот круг заедно со парламентарни избори.