ДКСК потсетува: Забрани и ограничувања за време на локалните избори 2025

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги потсети институциите, политичките партии и јавноста на забраните и ограничувањата кои важат од денот на распишување на локалните избори 2025, па до нивното завршување.

Меѓу клучните мерки се:

• Забрана за нови инвестиции и вонредни исплати – нема почнување нови инфраструктурни проекти со буџетски средства, ниту еднократни исплати, потпишување колективни договори или нови вработувања (освен во итни случаи).

• Забрана за користење државни ресурси за кампања – државен имот, буџетски средства или опрема не смеат да се користат за политички цели.

• Забрана за поткуп – строго се забранува давање пари, подароци или други бенефиции за влијание врз гласачи.

• Ограничувања пред и за време на кампања – 20 дена пред почетокот на кампањата до крајот на изборите нема јавни настани за отворање објекти финансирани од државата; Министерството за финансии мора јавно да ги објавува сите исплати; забрането е користење службени возила и канцеларии за партиски цели; забранет е притисок врз гласачи.

ДКСК ќе го следи целиот процес, ќе пријавува прекршувања и ќе бара постапување од надлежните органи. Граѓаните и медиумите се повикани да пријавуваат сомнителни активности за време на изборниот период.