Хаос и нови судири се случија вчера вечер на улиците на Нови Сад кога дојде до судир помеѓу членовите на СНС кои со топовски удари и огномети ги нападнаа граѓаните кои протестираат. Тензично беше и во Нов Белград, Зрењанин и во други градови низ земјата.
После полноќ се појавија и снимки од просториите на СНС во Нови Сад во пламен, а официјални извори од полицијата изјавија дека има повредени полицајци и граѓани.
Доцна во ноќта се огласи и претседателот Александар Вучиќ кој кажа дека нема да дозволи земјата да се најде во граѓанска војна. Низ цела Србија, граѓаните и студентите протестираа поради инцидентите во Врбас и Бачка Паланка, кога поддржувачи на Српската напредна партија фрлаа камења и пиротехнички средства врз граѓаните.
Медиумите јавуваат дека новинарите Никола Билиќ од новосадскиот портал 192 и Жарко Богосављевиќ од порталот Разглас беа повредени синоќа во Нови Сад.
Билиќ е претепан, а Богосављевиќ е удрен со палка во главата. Богосављевиќ носел кацига.
Инциденти имаше и во Зрењанин, каде граѓаните на покана од студентите во блокада се собраа на вечерниот протест, излегоа пред Градската куќа. Полицијата ги спречила да поминат по улицата Крал Петар Први, каде што се наоѓаат просториите на СНС.