Донирањето органи во земјава бележи напредок но и натаму треба да се дига свеста на повисоко ниво

На малата Ања од Велес пред две години и била дијагностицирана болест, за која според лекарите, единствено решение било трансплантација на црн дроб. Растрчани по лекарските ходници, родителите поминале низа непознаници и системски неможности за трансплантација на дел од овој орган кај новороденче во нашата земја. Но, брзата одлука, значела живот, па така, нејзиниот татко донирал дел од црниот дроб на својата тогаш девет месечна ќерка.

Ирена пак е сопруга на пациент кој веќе седум години носи вештачко срце, а пет години активно чека на Националната листа за трансплатација. Таа порачува, еден донор може да спаси осум човечки животи и да донесе голема радост во исто толку семејства.

На Националната листа на чекање за органи и ткива во Македонија, 30 пациенти чекаат за трансплатација на срце, 15 за црн дроб, а најмногу за бубрег, дури 160 пациенти.

И верските заедници даваат поддршка за оваа благородна медицинска активност.

Трансплантацијата е зрак на надeж за пациентите и нивните семејства, а органодарителството е најголемиот подарок кој може да го подари еден човек, затоа свеста на граѓаните за оваа тема треба и мора да се подигне на повисоко ниво, бидејќи никогаш не се знае што ни носи животот – ова е главната порака од јавната трибина, што се одржа во УГД, а на која беа потенцирани хуманоста и солидарноста на органодарителството.