Филипче до Мицкоски: Владата или нека ја води државата како што треба или нека си оди

Премиерот Христијан Мицкоски треба да престане да се занимава со спинови и да почне да работи на реалните проблеми со кои се соочува државата, изјави денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.

Тој ова го кажа прашан од новинарите за коментар на синоќешната прозивка од премиерот Мицкоски, кој го повика Филипче да каже дали поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, бил добар премиер и дали ѝ донел добро на Македонија.

„Го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално, не очекувам да даде одговор којшто сите ние добро го знаеме “, рече Мицкоски од вчерашниот митинг во Гостивар.

Лидерот на СДСМ, пак, вели дека вакви прозивки доаѓаат кога човек нема што да каже и зад себе нема ниту еден проект со кој може да се пофали.

„Премиерот треба да престане да спинува, има сериозни проблеми и прашања на кои треба да одговори. А кога човек нема што да каже, со што да се пофали, ниту проект, ниту, пак, има добра прогноза за земјава, забегува кон такви некои спинови“, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по денешната средба со в.д. претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухи Алиу.

Надоврзувајќи се во одговорот, лидерот на СДСМ се осврна на економските проблеми со кои, како што кажа, се соочува земјата и кои треба да бидат прашањата со кои треба да се занимаваат премиерот и Владата.

Во таа насока, Филипче упати порака до премиерот дека веќе не е на позиција од која може само да напаѓа без никаква причина и да измислува афери и скандали.

„Еве ги работите коишто треба премиерот да ги одговори. Има стагнација на економијата, нема да има раст, еве меѓународни институции го потврдуваат тоа што го зборуваме. Има стагнација, односно не стагнација, има пад на просечната плата изминатите години, има огромен скок на цените на основните прехранбени продукти, има затворање на компании, има луѓе коишто остануваат на улица секој ден, има намалување на странските инвестиции, а премиерот се занимава со некој да каже нешто за некого. Такви муабети веќе не поминуваат, државата има сериозни проблеми и предизвици, очигледно е дека одиме кон економски колапс“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ на крајот подвлече оти е време владата да сфати дека или треба да ја води државата како што треба или да си оди.

„Затоа што не заслужуваме ваква незаинтересирана влада којашто не работи, нема проекти, нема испорака, туку само измислува некакви скандали и афери“, додаде тој.