Пет мали промени што можат да ви помогнат да поминувате помалку време на телефон

0
3

Го земате телефонот само за да проверите една порака, а по половина час сè уште гледате видеа на ТикТок или Инстаграм? Ова е навика со која се соочуваат милиони луѓе, а експертите предупредуваат дека прекумерното време пред екран може да влијае врз концентрацијата, квалитетот на спиењето и односите со луѓето околу нас.

Телефонот денес е постојан придружник во секојдневието – од првото проверување известувања веднаш по будењето, па сè до бесконечното скролање пред спиење. Кај многумина се создава чувство дека мора постојано да бидат онлајн за да не пропуштат нешто важно.

Според анализа објавена во „Вашингтон пост“, просечен Американец поминува околу шест часа дневно користејќи паметен телефон. Ако оваа навика продолжи со години, значителен дел од животот може да биде поминат гледајќи во екран.

Истражувањата покажуваат и дека голем број луѓе се свесни за проблемот. Околу половина од Американците сметаат дека претерано го користат телефонот, а кај лицата помлади од 30 години овој процент е уште поголем.

Иако податоците се од САД, дигиталната преоптовареност е тема што сè повеќе се забележува и кај младите во Македонија.

Зошто телефонот толку лесно ни го привлекува вниманието?

Апликациите и социјалните мрежи се создадени така што што подолго го задржуваат вниманието на корисниците. Бескрајното скролање, автоматското пуштање нови видеа и постојаните известувања создаваат навика повторно и повторно да го проверуваме екранот.

Експертите советуваат дека решението не е целосно откажување од технологијата, туку создавање поздрав однос со неа и свесно користење.

Пет едноставни чекори за помалку време на телефон

1. Исклучете ги непотребните известувања

Не секој лајк, коментар или ново видео бара веднаш да го прекинете тоа што го правите. Оставете само известувања што навистина ви се важни.

2. Држете го телефонот подалеку од креветот

Кога телефонот е веднаш до вас, многу лесно неколку минути скролање се претвораат во долго губење време. Обидете се да го оставате подалеку додека спиете.

3. Тргнете ги најпримамливите апликации од почетниот екран

Ако за отворање на некоја апликација се потребни повеќе чекори, поголема е шансата прво да размислите дали навистина сакате да ја користите.

4. Воведете периоди без телефон

Почнете со кратки периоди – првите 30 минути по будењето, за време на оброците или додека разговарате со други луѓе.

5. Следете колку време поминувате пред екран

Опциите како „Скрин тајм“ и „Дигитал велбиинг“ можат да покажат колку време трошите на различни апликации и да ви помогнат полесно да ги контролирате навиките.

Целта не е целосно откажување од технологијата

Експертите нагласуваат дека малите промени кои може да се одржат подолг период се многу поефикасни од драстичните одлуки кои брзо се напуштаат.

Честото користење телефон не значи автоматски зависност, но ако дигиталните навики почнат да го нарушуваат спиењето, работата, учењето или односите со блиските, тогаш е време да се направи промена.

На крајот, идејата не е технологијата да исчезне од секојдневието, туку повторно да стане алатка што ние ја користиме – а не навика што го контролира нашиот ден.