Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека воздухот кој го дишат скопјани иако изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности.
Од вчера попладне, воздухот во Скопје силно мириса на изгорена гума откако се запали депонијата „Дрисла“, а граѓани споделуваат фотографии од кои се гледа дека густ чад има над градот. Пожарот што избувна вчера во 15:15 часот сè уште е активен и бидејќи не можеше да се изгаси со вода почна да се затрупува со земја. Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина, кажа Центарот за уравување со кризи (ЦУК) и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“, рече Мицкоски.
Премиерот на 8 и 9 септември по покана на премиерот Виктор Орбан беше со синовите во Будимпешта да го гледаат Роналдо на мечот Унгарија-Португалија за квалификации на Светското првенство 2026. Денеска Мицкоски беше на промотивен настан во Гази Баба, Општина на чија територија се наоѓа дивата депонија „Вардариште“ каде на 31 август избувна голем пожар кој го труеше половина Скопје и кој беше изгасен пред два дена.
Оваа дива депонија се наоѓа на само 6,5 километри од зградата на Владата во строгиот центар на Скопје. Власта во Гази Баба изминативе 4 години е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелниот градоначалник на Гази Баба Бобан Стефковски е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за оваа функција за претстојните Локални избори на 19 октомври.
По пожарот во „Вардариште“, жителите на Аеродром и други општини секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, а протетсите ќе продолжат дури не се реши проблемот.