Бугарското МНР реагира на изјавите на Пендаровски – амбасадорката повикана на разговор

Бугарското МНР ја повика на разговор македонската амбасадорка во Софија како реакција на изјавите на претседателот Стево Пендаровски упатени кон Бугарија. Во реакцијата објавена на сајтот на бугарското мнр велат дека категорично се спротивставуваат на обидот за повторно вовлекување на Бугарија и билатерални односи во внатрешно-политичка дебата во Македонија.

„Бугарија постојано поддржува конструктивен тон и се воздржува од коментари на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не наидуваат на разбирање и не се ценат од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како оправдување за недостигот од напредок пред своите граѓани“, се вели во соопштението.

Претседателот Пендаровски во тема на денот на Сител кажа дека македонското малцинство во Бугарија во последните 70-80 години е малтретирано и преживувало вистинска голгота.

Од македонското МНР засега нема реакција за однесувањето на официјална Софија, а не се спроделуваат ниту детали што и било кажано на македонската амбасадорка.