Пендаровски: Пародија е што Силјановска-Давкова коментира за слободи и права на граѓаните, а нејзниот сопруг остави стотици семејства без работа

„Само во последните 5 години затоа што мислат дека народот не памети како во времето на транзицијата некои од нив несразмерно го зголемија својот имот и станаа милионери. Нивниот кандидат за претседател ниту еднаш не се појави сам пред граѓаните да ги објасни своите ставови затоа што на митинзите наместо неа зборуваше претседателот на партијата, кој со тоа по повлекувањето на граѓанските потписи уште еднаш потврди дека предложиле лојален партиски послушник, а не граѓански кандидат за највисоката функција“, рече кандидатот за втор мандат поддржан од СДСМ.

Со зурли и тапани и македонско оро беше поздравен почетокот на говорот на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски денеска на митингот пред зградата на Европската унија во центарот на Скопје.

Тој им се заблагодари на граѓаните што дошле на митингот, како што рече, да направат чест на ова врнежливо време, како и за масовното присуство и за поддрката која, додаде дека му ја даваат уште од почетокот на кампањата.

Говорејќи за понудата на најголемата опозициона партија во текот на политичката кампања, Пендаровски рече дека наместо предлози за подобро денес и утре на граѓаните и на државата, тие ги рециклирале истите политички решенија кои, како што посочи, ја донеле државата во статус на изолирана и заробена, со власт која, додаде дека монтирала политички процеси и земја во која имаше политички затвореници и новинари во затвор.

„Да бидеме искрени, дали некој воопшто од нас кој го памети режимот, имаше причина да се надева на поинакво однесување од партијата која организираше насилен упад во парламентот, а, денес и по седум години, не само што не се извини на жртвите и на целиот народ поради тој срамен чин, туку најавува амнестија на насилниците кои беа спремни да убиваат само за нивните политички ментори да останат на власт. Дали во оваа кампања понудија нешто во однос на двата клучни предуслови за стабилна и просперитетна држава: евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи?“, рече тој.