Најголемиот авиопревозник од и до Македонија, унгарската нискобуџетна Визер повторно ја разбранува јавноста со враќањето на своето најконтроверзно членство – „All You Can Fly“. Со само 499 евра годишно, компанијата нуди неограничени летови во рок од 12 месеци, но со неколку правила што веќе го будат сомнежот кај патниците.
Можеби звучи нереално, но членовите сепак мора да плаќаат 9.99€ по летен сегмент, а резервациите можат да ги прават најмногу 72 часа однапред. Дополнително, Wizz пушта само 10.000 членства, достапни во 34 земји низ Европа и Блискиот Исток.
Од компанијата велат дека оваа понуда привлекла луѓе кои претходно никогаш не летале со Wizz. Според статистиката, просечниот корисник прави околу девет патувања годишно, што значи дека најмногу профитираат оние кои често користат кратки рути.
Но меѓу патниците веќе кружи дилема – дали ова е навистина „неограничено летање“, или пак има скриени ограничувања? Според дел од коментарите, можно е резервирање само во датуми кога не се распродадени последните места, што значи дека патувањата во шпиц-сезона може да бидат речиси невозможни.
Паралелно, Wizz тестира и нова премиум опција – „Wizz Class“. Средното седиште е блокирано, просторот е поголем, а понудата е наменета за бизнис патници кои сакаат комфор без да плаќаат скапа „business class“.
