Последно збогум на нашиот почитуван колега, Јовица Темов
Денес се простуваме од нашиот драг колега, Јовица Темов, но не и од спомените за него. Неговата амбициозност, креативност и професионална ангажираност, беа од исклучително значење за афирмацијата на нашата Гимназија на полето на македонскиот јазик и литературата.
Како признание за неговата посветена и одговорна педагошка работа, тој се здоби со значајното признание, Најдобар просветен работник во средното образование. Награда која Општина Велес ја доделува секоја година, на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, а која претставува признание за успесите, ангажираноста и резултатите постигнати во образовната и воспитната работа на наставниците од нашиот град. Награда која заслужено ја доби, зашто несебично се залагаше да ги пренесе неговите знаења на своите ученици.
Покрај знаењата за јазикот и за литературата, тој се залагаше да ги научи своите ученици дека до успехот се стасува само со напорна работа, а тоа го докажуваше и со сопствниот пример, зашто и тој самиот умееше вредно да работи.
Постојано се ангажираше и ги следеше педагошките новости, за да биде во тек со современите наставни процеси. Затоа, наградата беше потврда и за неговата професионалност, зашто неговата одговорност и исполнителност секогаш беше на високо ниво.
На своето работно место во Гимназијата доаѓа на почетокот на учебната 1994 година. За време на својот работен век, Јовица беше активно вклучен во голем број на управни тела, работни тимови, учествуваше и организираше обуки, активности, проекти и настани во Гимназијата. Со својата ангажираност, Јовица во исклучително голема мерка придонесуваше кон успешната организација на воспитно – образовниот процес на Гимназијата и нејзина афирмација, не само во Велес, туку и во Македонија, па и пошироко.
Неговото претходно работно искуство, во областа на графичкиот дизајн и печатарството, штедро ги нудеше при изработката на: Извештајот за наставно – воспитната работа на Гимназијата, Училишниот весник „Гимназијалец“, изработката на промотивни материјали, програмите за одбележување на Патрониот празник на училишето и други јубилеи и поводи. Многу негови работни задачи, за жал, ќе останат незавршени, зашто неумоливата судбина го прекина неговото чекорење низ животот.
Нашиот драг и почитуван колега, Јовица Темов, ќе живее засекогаш во нашите сеќавања. Засекогаш ќе го паметиме како колега кој имал коректен и професионален однос и кон своите претпоставени и кон своите колеги и кон своите ученици. На семејството му изразуваме искрено сочувство.
Да му оддадеме последна почит, и да му посакаме спокој на душата, на нашиот драг и почитуван колега Јовица Темов и засекогаш во своите мисли и срца да го сочуваме убавиот спомен за него. Слава му.
