Сиљановска-Давкова: Македонија е кредибилен сојузник во НАТО

0
1

Претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Армијата мора постојано да ги унапредува своите способности за да може навремено да одговори на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека вистинската оперативна моќ не се мери само со бројноста и опремата, туку и со знаењето, дисциплината и подготвеноста за дејствување.

Во обраќањето по повод Денот на Командата за операции во касарната „Боро Менков“ во Куманово, таа истакна дека современите закани, како хибридното војување, кибернападите, беспилотните системи и вештачката интелигенција, бараат постојано приспособување и зајакнување на одбранбените капацитети.

Сиљановска-Давкова оцени дека подготвеноста на Армијата не се потврдува само преку успешен одговор на кризни ситуации, туку и преку способноста навреме да ги препознае потенцијалните опасности и ефикасно да дејствува во услови на неизвесност.

Осврнувајќи се на улогата на Македонија во НАТО, претседателката нагласи дека исполнувањето на сојузничките обврски, усогласувањето со стандардите на Алијансата и учеството во заедничките мисии ја потврдуваат македонската Армија како сигурен и кредибилен партнер. Воедно, изрази очекување истиот принцип на јасни критериуми и вреднување на постигнатите резултати да се применува и во процесот на европската интеграција.

Таа ја истакна успешната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“, како и придонесот на македонските војници во мировните мисии на Обединетите нации, Европската Унија и НАТО.

Претседателката го нагласи и значењето на Командата за операции во справувањето со пожари, природни непогоди и други кризни состојби, посочувајќи дека нејзините припадници имаат клучна улога во заштитата на граѓаните.

Потсети дека по повод Денот на Армијата, на 18 август, Командата за операции беше одликувана со „Орден за воени заслуги“ како признание за придонесот во развојот на армиските способности и борбената готовност.

На крајот, Сиљановска-Давкова им оддаде признание на припадниците на Командата за нивната професионалност и посветеност, повикувајќи ги и понатаму да ги унапредуваат своите вештини и да ја оправдуваат довербата на граѓаните.