Рама обвини „странски раце“ за протестите, илјадници бараат оставка

0
4

Албанскиот премиер Еди Рама повика на смирување на состојбата во земјата и ги обвини, како што ги нарече, „странските злонамерни раце“ дека стојат зад насилните протести што деновиве го потресуваат Тирана.

Демонстрациите продолжија и во петокот, а илјадници граѓани повторно излегоа на улиците барајќи оставка од Рама, незадоволни од состојбата во образованието, условите на универзитетите и високите трошоци за студирање.

Протестното движење започна како реакција на студентските проблеми, но во изминатите денови прерасна во пошироки антивладини демонстрации што се проширија и во други градови низ Албанија. Студентите во знак на револт започнаа и бојкот на наставата.

Во Тирана повторно дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Стотици луѓе се собраа пред Министерството за образование, извикувајќи пораки со барање за оставка на премиерот. Полицијата употреби водени топови и солзавец, додека дел од демонстрантите фрлаа камења кон полициските сили.

Немирите предизвикаа и материјална штета на повеќе владини објекти. Во текот на ноќта беше запален влезот на Министерството за финансии, оштетени беа прозорци на универзитетски објекти, а дел од демонстрантите блокираа улици со запалени контејнери.

Рама во своето обраќање оцени дека протестите не се поврзани само со студентските барања, туку дека зад нив има политички и надворешни влијанија.

„Сето ова е дело на истата рака – раката што ја држи албанската опозиција и која со години ја турка земјата во поделби“, изјави албанскиот премиер.

Тој додаде дека, според него, одредени странски фактори сакаат да го попречат патот на Албанија кон Европската Унија и да ја нарушат стабилноста на земјата.

Од друга страна, демонстрантите ги отфрлаат обвинувањата и велат дека протестираат поради реални проблеми со кои се соочуваат младите.

„Не сме криминалци. Само сакаме подобар живот за нас и за нашите родители. Не сакаме да ја напуштиме Албанија“, изјави за АФП 18-годишната Ледија.

Полицијата соопшти дека во текот на четвртокот вечерта биле приведени 160 лица поради насилство. Во судирите, според властите, биле повредени десетици луѓе, главно припадници на полицијата.

Додека владата тврди дека протестите се политички поттикнати, демонстрантите најавуваат дека ќе продолжат со притисокот сè додека нивните барања не бидат разгледани.