Нова надеж во борбата против ракот: Во Русија започна клиничка примена на „Онкопепт“

0
1

Русија започна со клиничка примена на новата пептидна вакцина „Онкопепт“, наменета за третман на пациенти со рак на дебелото црево, соопшти заменик-директорот на Федералната медицинско-биолошка агенција, Игор Борисевич.

Според информациите објавени од руските медиуми, вакцината е развиена врз основа на неоантигени – специфични молекуларни карактеристики на туморските клетки кај секој пациент, што овозможува терапијата да биде персонализирана.

Борисевич информираше дека препаратот е развиен и регистриран, а во моментов е започнат процесот на регрутирање пациенти кои ќе ја примаат оваа терапија.

Првите пациенти ја примиле вакцината „Онкопепт“ во март. Терапијата е наменета за возрасни лица со рак на дебелото црево кои претходно биле оперирани и примиле најмалку две линии системска хемотерапија.

Директорката на Федералната медицинско-биолошка агенција, Вероника Скворцова, посочи дека досегашното следење на пациентите не покажало сериозни несакани реакции, а кај применетите пациенти бил забележан очекуван имунолошки одговор.

Принципот на персонализираната вакцина е да го „обучи“ имунолошкиот систем на пациентот подобро да ги препознава туморските клетки и да реагира против нив.

Сепак, како и кај сите нови терапии, ефективноста и долгорочните резултати од вакцината ќе треба дополнително да се потврдат преку пошироки клинички следења и научни анализи.