Сега повеќе нема дилеми. Кај десет пациенти биле извршени операции на срце без потреба или пак биле упатени на операција без соодветна индикација, ова го утврди комисијата што ја формираше министерот за здравство по наводите на кардиологот Сашко Кедев дека во приватни болници се вршеле интервенции само за профит.
Вкупно доставени биле 25 медицински досиеја. Шест биле препратени за истражување во здравствениот инспекторат.
Од комисијата засега не сакаат да откриваат имиња на болници и лекари кои ги направиле овие неправилности во упатувањето на пациентите, но тврдат дека истражувањето допрва ќе се продлабочува.
Непотребно оперирани или неправилно упатени пациенти се пронајдени во 10 од анализираните 19 случаи на кои работи домашната Комисија формирана по алармот од кардиологот Сашко Кедев дека во земјава се прават непотребни операции на срце заради заработка.
Претседателот на Комисијата д-р Жарко Христовски во оваа фаза вели дека нема да откријат во кои болници се откриени неправилностите и најави конечен, комплетен извештај откога ќе го даде ставот и меѓународната комисија.
