Министерката потврди: Затворени се околу 33 училишта поради недостиг на првачиња

0
1

Оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето едносменска настава се дел од реформите чија цел е да се подобри квалитетот на образованието во државата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање од Димитар Ковачевски.

Јаневска истакна дека процесот се реализира со поддршка на УНИЦЕФ и се темели на анализи поврзани со бројот на ученици, паралелките, наставниот кадар и потребата од поефикасна организација на наставата.

Министерката потврди дека досега се затворени околу 33 училишта поради недостиг на првачиња, но нагласи дека ниту еден наставник не останал без работно место. Таа додаде дека нема да има нови трансформации на работните односи и вработувања, освен во случаи каде што постои реална потреба.

Објаснувајќи ги придобивките од реформите, Јаневска рече дека префрлањето на учениците од помали во поголеми училишта овозможува подобра социјализација, поголема комуникација и развивање на нови вештини. Како пример го посочи училиштето во Долни Балван, чии ученици продолжиле со настава во поголемо училиште во соседно село.

Според министерката, првичните ефекти од реформите ќе бидат анализирани по завршувањето на учебната година, додека позначајните резултати во квалитетот на образованието се очекуваат во период од осум до десет години.

Таа порача дека Владата останува посветена на создавање образовен систем кој ќе им обезбеди на учениците поквалитетни знаења, подобри вештини и поголеми можности за личен и професионален развој.