Ѓорѓиевски: Просветните работници се темелот на развојот на младите генерации

0
1

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва им додели признанија на најдобрите просветни работници во главниот град, во знак на благодарност за нивниот придонес во образованието и развојот на младите генерации.

Признанијата беа доделени во соработка со Здружението на просветни работници на Град Скопје, а им припаднаа на воспитувачи, наставници и професори од скопските градинки, основните и средните училишта, ученичките домови и училиштата за деца со посебни образовни потреби.

„Во името на скопјани им кажав едно искрено благодарам на најдобрите просветни работници, луѓето кои секојдневно вложуваат во образованието и иднината на нашите деца“, порача Ѓорѓиевски.

Добитниците на признанијата биле избрани преку јавен конкурс, при што биле оценувани според однапред утврдени критериуми и систем на бодирање.

Градоначалникот истакна дека улогата на просветните работници е од огромно значење, бидејќи тие не само што пренесуваат знаење, туку и ги охрабруваат учениците да ги развиваат своите способности и самодоверба.

„Моја одговорност како градоначалник е да ви обезбедам подобри услови за работа, а на учениците да им отворам нови можности“, рече Ѓорѓиевски.

Со доделувањето на признанијата, Град Скопје ја истакна важноста на професијата просветен работник и потребата од континуирана поддршка на луѓето кои го градат образовниот систем.