Студентката Татјана Трамасере (22) од Италија, која беше пронајдена на таванот од куќата на нејзин пријател во Саленто по 11 дена потрага, конечно откри зошто решила да се скрие од сите.
Полицијата ја пронашла на таванот од куќата на нејзиниот пријател Драгош, по потекло од Романија, а за време на нејзината изјава во полицијата, студентката по филозофија рекла дека таа била таму доброволно и дека тој не ѝ направил ништо.
Нејзината одлука да исчезне, да го лажира своето исчезнување и да го загрижи целото семејство, предизвика остри критики кај луѓето. Таа молчеше за сè 11 дена, а семејството се обидуваше на секој начин да ја заштити.
„Знам дека со моите постапки загрижив и исплашив многу луѓе. Вистината е дека не се однесував рационално. Дозволив да ме преплават силни емоции и слабост што не можев да ги контролирам во тој момент“, рекла таа во интервју за италијанските медиуми.
Потоа објаснила дека нејзиното исчезнување не било шега.
„Моето исчезнување не е шега, ниту желба да привлечам внимание. Тоа е внатрешна битка со која се борам сама со себе речиси две години и нешто што ме крши. Сè уште не научив како да ја надминам“, рекла Татјана со треперлив глас додека се борела да не заплаче.
Адвокатот на нејзиното семејство потврдил дека нема да бидат поднесени обвиненија против пријателот на Татјана, Драгош.
Обвинителството во Италија ја продолжува истрагата, а телефонот на Драгош останува во рацете на полицијата.