Тензиите во Албанија ескалираа откако протестот во Тирана, организиран од опозициската Демократска партија, прерасна во насилни судири со полицијата.
Демонстрантите фрлаа молотови коктели и огномет кон државни институции, меѓу кои кабинетот на премиерот, Министерството за инфраструктура, Општина Тирана и седиштето на владејачката Социјалистичка партија. Инциденти беа забележани и во близина на италијанската амбасада.
Албанската полиција интервенираше со водени топови и солзавец со цел да ги растера насобраните граѓани.
Протестот беше организиран од опозициската партија предводена од поранешниот премиер Сали Бериша, која бара оставка од актуелниот премиер Еди Рама и формирање на привремена влада.
Политичката криза дополнително се продлабочи по обвинението што Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) го поднесе во декември против тогашната министерка за инфраструктура и енергетика и вицепремиерка Белинда Балуку.
По завршувањето на протестот, полицијата соопшти дека шестмина полицајци биле повредени во судирите.