Второ рочиште од најголемиот судски процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица. На ова рочиште беше предвидено обвинетите да се произнесат за тоа дали чувствуваат вина, но нивните адвокати реагираа поради тоа што дојде до спојување на првичното обвинение со она на сопственикот на фирмата за обезбедување на дискотеката.
Тие посочија дека со самото спојување дошло до промена на обвинението и дека обвинетите треба да го добијат и да го разгледаат, па дури потоа да се произнесат за тоа дали имаат вина. Воедно адвокатите реагираа и дека со самото спојување, обвинението било доста хаотично, доказите измешани и не се знаело кој доказ за што се однесува.
Инаку, пред денешното продолжение на судскиот процес за пожарот во Кочани движењето „Кој е следен“ изведе герила акција поставувајќи нацртани очи спроти Кривичниот суд. Пораката од оваа акција е дека јавноста внимателно го следи процесот и дека сите очи се вперени во институциите кои треба да имаат правично и независно судење.
Но кога заврши рочиштето, не беше се за денес. Надвор од судницата родителите на жртвите имаа вербален конфликт со адвокатите на обвинетите, а видеото може да го видете тука.
