Во Њујорк ја афирмираме нашата позиција, истакна министерот Муцунски

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој е дел од делегацијата предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на нивната службена посета на Њујорк, соопшти дека освен актуелните ангажмани во Обединетите Нации, фокусот на ова патување е ставен и на европската интеграција и регионалната кооперација.

Тој нагласи дека имал билатерален состанок со министерот за надворешни работи на Кипар, држава која од јануари ќе ја има претседателската функција со ЕУ. „Зборувавме за потребата од засилена координација по тоа што е наш интерес односно конечно отпочнување на процесот на преговори со ЕУ, а исто така и за билатералната соработка, потенцијалите што ги имаме во туризмот, во трговијата, во политичката соработка“, изјави Муцунски по вчерашните средби во Њујорк.

Според информациите од дописникот на МИА, Муцунски земал учество и во повеќе настани поврзани со различни регионални иницијативи, вклучувајќи го и појадокот организиран од министерот за надворешни работи на Италија, Тајани, како и ручекот кој го организираше Регионалниот совет за соработка.

„Пред се, ги користиме можностите за афирмација на нашите позиции, за ширење на тоа што за нас е значајно како политичка порака во Њујорк“, подвлече министерот Муцунски.