ИРЛ со нови шокантни детали: Откриваат што ги убило речиси сите лица во Пулс – а лесно можело да се избегне тагедијата

0
873

ИРЛ излезе со ново истражување кое одново ќе ја бранува јавноста. А истото се темели на обдукциските извештаи откриваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како причина за смрт е утврдено задушување со јаглерод моноксид, немале ни приближно фатални нивоа за да умрат од тоа.

Според обдукциските наоди, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не гo испитале присуствoтo на цијанид.

Иако дел од жртвите излегле живи, некои и без изгореници или други видливи физички повреди, тие брзо колабирале или биле наоѓани мртви пред објектот, пред болницата, во возилата на Итната помош или по пристигнувањето во болниците. Точното време на смрт кај жртвите таа ноќ никогаш нема да биде утврдено.

Она што лекарите и техничарите од Итната помош го гледале таа ноќ, подоцна ќе се појави и во крвните анализи од обдукциските наоди. Институтот за судска медицина на 16, 17 и 18 март извршил обдукции врз телата на 59 жртви што починаа ноќта во пожарот. Кај 9 од нив како причина за смрт се наведуваат изгореници на дишните патишта или нагмечување. Кај дури 50 жртви вештаците како причина за смрт навеле труење од јаглерод моноксид.

Но, податоците врз кои се градени заклучоците на медицинските вештаци, а подоцна преточени во обвинение, отвораат прашања за веродостојноста за причините за смртта кај овие 50 жртви.

Кај ниту една од нив нивото на јаглерод моноксид во крвта не ги достигнува фаталните од 60 до 70 проценти карбоксихемоглобин, кои според медицинската наука се потребни за да настапи смрт. Напротив, кај дел од починатите се утврдени нивоа од околу 5-6 проценти, вредности карактеристични за активни пушачи. Кај најголем дел концентрациите се движат меѓу 10 и 30 проценти, што предизвикува лесна до умерена интоксикација, но не и нагла смрт.

Овие наоди не се совпаѓаат со клиничката слика опишана од преживеаните и медицинските лица на терен – ненадејно губење сила, колапс, брза загуба на свест и смрт за кратко време.

„При вакви пониски нивоа на карбоксихемоглобин, морало да има уште еден токсичен гас како причинител на смртта“, вели професорот Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, кој бил дел од тимот што ги следел повредените по трагедијата.

Во деновите по пожарот, професорите од Природно-математичкиот факултет по налог на Јавното обвинителство започнуваат со испитување на материјалите што гореле во дискотеката. Земени се примероци од истопена пластика од сепарињата, сунѓер од седиштата, салонит од кровната конструкција и истопена пластика од просторот пред бината.

Од „Пулс“ лажеле дека вградиле графитен сунѓер, вештачењето тоа го оспорило

Најважниот материјал, сунѓерот за акустична изолација на таванот, кој според видеоснимките прв се пали од искрите на пиротехниката, не можел да биде земен за анализа бидејќи целосно изгорел во пожарот.

Истражителите затоа ги обезбедиле фактурите од кратовската компанија „Силпен“, од каде што во 2012 година бил купен сунѓерот за звучна изолација, во количина од 95 килограми. Од компанијата побарале да им достават ист таков материјал. Анализите покажале дека не станува збор за графитен сунѓер, како што било наведено во проектната документација, туку за полиуретански сунѓер.

Целата сторија може да ја проследите на ИРЛ.мк